Придобивките на систематско недискреционо тргување — алгоритамско тргување

Fintech MK
9 min readSep 23, 2021

Многу често кога зборуваме за тргување на финансиските пазари, го спомнуваме терминот алгоритамско тргување. Што всушност претставува тоа? Алгоритамско тргување (исто така наречено автоматско тргување) користи компјутерска програма која следи дефиниран сет на инструкции (алгоритам) за да се реализира одредена зделка.

Сите финансиски аналитичари на пазарот се обидуваат да дадат прогноза на следните прашања:

  • Дали цената на финансиското средство ќе пораснe или ќе падне?
  • Дали ќе остварат позитивен принос од инвестицијата во него?

Правењето прогноза (forecasting) обично подразбира планирање под услови на неизвесност. Тоа значи да се има претпазливост, мудрост и трудољубивост, со еден збор кажано предвидливост. Крајната цел на прогнозирањето е давање на препорака за купување, продавање или чување на финансиското средство во портфолиото.

Во основа, постојат три основни класификации на финансиска анализа: Техничка анализа (technical analysis), фундаментална анализа (fundamental analysis) и во поново време се развива еден нов правец наречен квантитативна анализа (quantitative analysis). Техничката анализа е предвидување на идните движења на финансиските цени врз основа на испитување на движењата на цените во минатото. Фундаменталната анализа е испитување на основните сили кои влијаат на благосостојбата на економијата, индустриските групи и компаниите. Квантитативната анализа ги спојува техничката и фундаментална анализа во квантитативни математички модели со цел да се одрреди вредноста на финансиското средство. Како и кај повеќето анализи, целта е да се изведе прогноза и оствари профит од идните движења на цените. За таа цел, аналитичарите кои користат фундаментална анализа, употребуваат различни коефициенти и показатели како што се: цена-добивка по акција, поврат на вкупни средства, поврат на капиталот и многу други. Од друга страна, аналитичарите кои користат техничка анализа во својот процес, користат релативна сила, коефициент за мерење на нестабилност на пазарот, дефинирање на тренд, бројни индикатори итн. И во двата случаи, аналитичарите веруваат дека прават правилна анализа, но и покрај тоа што нивните методи може да се точни, за да бидат успешни на пазарот и да заработат пари, потребно е да имаат тестиран систем. Секое доследно и константно управување со средства бара да се има правилно управување со парите и некој вид на систем. Причината зошто почетниците и некои инвеститори губат пари е поради тргувањето на среќа, интуиција, гласини, односно без претходно тестирана стратегија и систем за правилно управување со парите и ризикот. Но, за да бидете успешен инвеститор на финасиските пазари, потребно е да знаете не само колку е профитабилен вашиот метод на прогнозирање, туку исто така и кои се ризиците од загуба на капиталот. Затоа е потребно да создадете систем кој вклучува во себе не само стратегија за профит, туку и метод за контрола на ризикот од загуба, бидејќи и двата аспекти од инвестирањето се исклучително важни и се различна страна од зделката. Недостигот на познавање и немањето на тестиран метод на инвестициона стратегија, може да доведе до катастрофални загуби на вашот капитал.

Во продолжение, ќе објасниме што е систем, што е ризик и како да се контролираат загубите, и на крај, кои се чекорите на развивање на систем за тргување и тестирање на инвестициони стратегии.

Откако ќе се разберат основните методи на анализа, формирањето на систем е следниот чекор во развојот на инвестициски план. Системот може да биде дискреционен, недискреционен или комбинација од двете. Кај дискреционите системи (discretionary systems) налозите за купување и продавање се определени со интуиција, со други зборови, трговецот или инвеститорот практикува одредена дискреција во процесот на донесување на одлуки. Можете да сретнете исклучително многу инвеститори кои имаат надарена интуиција и можат да тргуваат доследно на својата стратегија и профитираат на пазарот. Меѓутоа, повеќето инвеститори и трговци немаат време, знаење, контакти, опрема, критично размислување или желудник за да тргуваат на овој начин, со одредена дискреција, кое доведува до катастрофални загуби на нивните сметки за тргување. Тие немаат начин да проценат што прават освен преку состојбата на нивната сметка на крајот од денот. Не-дискреционите системи (нondiscretionary systems) се оние кај кои налозите за купување и продавање се определени од компјутерска програма која следи дефиниран сет на инструкции (алгоритам) за да се реализира одредена зделка. Мнозинство успешни инвеститори и трговци користат недискрециони системи — алгоритми за тргување. Тие ги проучуваат пазарите, користат фундаментална и техничка анализа и прават тестирање на стратегиите користејќи современи статистички методи. Тие разбираат дека пазарите се менуваат со текот на времето и имаат изграден автоматизиран систем кој го минизира ризикот од загуба и максимизира приносот. Инвеститорот исто така може да избере да користи делумен дискреционен систем. Делумно дискрециониот систем е оној што генерира само сигнали за купување и продавање според кои инвеститорот дејствува врз основа на личната доверба во нив и искуството со нив.

Придобивките од користењето на недискреционен систем се многу. Најпрво, поради тоа што ги избегнува емоциите. Ова е предност бидејќи трговците и инвеститорите најчесто губат пари поради емоционални одлуки. Инвеститорот кој користи недискреционен систем обично е мирен, сталожен и пресметлив. Недискрециониот систем исто така помага да се намалат други “недостатоци” кај инвеститорите како што се: отворање на преголеми позиции, претерано тргување, прерано дејствување, никакво дејствување и постојано преиспитување на одлуките. Тргувањето со правилно дизајниран систем исто така спречува големи загуби и ризик од пропаст, што повеќето трговци никогаш не успеале да го пресметаат или разберат. Всушност, контрола на ризикот може да биде една од најважните предности на недискрециониот систем. Исто така, тргувањето со недискреционен систем обезбедува сигурност, развива доверба и создава помал стрес.

Иако има многу придобивки од недискрециониот, автоматизиран систем, постојат и некои недостатоци. Како прво, екстраполацијата нема да ги има истите резултати како и тестовите, бидејки историјата целосно не се повторува. Иако добриот систем се прилагодува на пазарните промени, сепак тој бара и периодични ажурирања.

Како да дизајнирате недискреционен систем?

Дизајнирањето на работен, профитабилнен систем започнува со некои основни лични ставови. Некои од карактеристиките напотребниот начин на размислување го вклучува следното:

  • Разберете што ќе направи дискрециониот или недискрециониот систем — имајте реални познавања и обрнете внимание недискреционен систем да може да биде прецизен и одберете правила кои се експлицитни, постојани и мерливи.
  • Да немате мислење за пазарот. Профитот се остварува од реакција на пазарот, а не со нејзино предвидување. Без позната структура, пазарите не можат да се предвидат. Системот е дизајниран за да реагира кога одредени услови ќе се појават на пазарот, а не да предвидува.
  • Разберете дека ќе има и загуби кои треба да ги одржувате мали и ретки.
  • Разберете дека профитот нема да се случува постојано или доследно.
  • Разберете дека вашите емоции ќе ви го намамат умот и ќе ве поттикнат да направите промена или забавување со системот. Ваквите емоции мора да се контролираат.
  • Бидете организирани.
  • Направете план во согласност со расположливото времето и инвестицискиот хоризонт — дневен неделен месечен и годишен.
  • Тестирајте, тестирајте и тестирајте повторно, без прилагодување на кривата.

Откако ќе се посветите на креирање дисциплина и начин на размислување за создавање на систем, мора да донесете одредени одлуки за карактеристиките на вашиот систем. Без оглед дали ќе користите фундаментала или техничка анализа како основа за системот е релативно неважно. Што и да одберете, битно е да може точно да се дефинира. Перформансите во системот ќе зависат повеќе од филтри, прилагодувања и стратегии за влез и излез, отколку од самиот метод. Изберете модел за поставување на налози кој има статистичка веројатност за успех, кој е познат, разумен, удобен и има пристоен запис. Бидете сигурни дека се базира на факти, а не на мислење, а потоа концентрирајте се на процесот на развој на системот.

Правилата се основната структурата на системот. На пример, за правило може да биде кога просечното движење на цената А (price moving average) преминува над друго просечно движење на цената Б. Променливите се нумерички влезови потребни во правилата (должина на А и Б). Параметрите се вистинските вредности што се користат во променливите (20 дена и 50 дена). Креирањето на системот ќе ги вклучи сите овие фактори, додека нивната корист се одредува со тестирање на различни правила, варијабли и параметри за различни пазари и пазарни услови. Значи, недискреционен систем е оној што работи сам врз основа на пазарните податоци кои ги добива. Ако нашето правило е да купувате кога 20-дневниот просек на цената ќе премине над 50-дневниот просек на цената, тогаш налогот за купување автоматски ќе се реализира кога ќе се оствари ова правило. Откако инвеститорот ќе ги утврди правилата што системот треба да ги следи, системот е на автопилот и инвеститорот не донесува одлуки.

Без разлика што прави целокупниот пазар, секогаш ќе има акции што прават интересни работи, како што се нови достигнувања, пробив на старите нивоа на отпор или ценовни формации кои даваат сигнали за движење на пазарот. Со илјадници акции за избор и стотици индикатори и достапни модели, обидот да се најдат сите интересни акции за тргување е практично невозможен. Со изработката на делумно недискреционен ситем, ќе ви се овозможи да пребарувате низ илјадници акции и да изнајдете златни можности. Универзумот на финансиски средства за кои можете да изградите недискреционен систем опфаќа: акции, валути, крипто, берзански стоки, со други зборови изборот е неограничен.

За да изработите свој алгоритам за автоматско тргување, потребно е да имате достап до беспрекорни податоци. Постојат многу софтверски компании на пазарот кои ја нудат оваа услуга. Вториот услов е познавањето на програмски јазик кој ќе го користите за кодирање на вашата стратегија, како на пример: Java, .NET (C#), C ++, Python, ActiveX, и други. Доколку немате познавање на некој од горепосочените програмски јазици, ве советувам да не се откажувате. Многу голем број од компаниите имаат изработено и свои програмски јазици кои се многу лесни за користење особено за почетници. Доколку сакате само да ги автоматизирате вашите стратегии за тргување, истото можете да го направите преку користење на веќе изработени софтверски алгоритми кои се нудат од компаниите со цел да останат конкурентни и да одговорат на потребите на пазарот. Несомнено, алгоритамското тргување е новата нормала кога се работи за тргување на финасиските пазари и компаниите постојано работат на усовршување на своите производи и услуги со цел да им олеснат на инвеститорите и да ги стават во предност со цел оптимизирање на добивките и правилно управување на ризикот.

Во прилог, еден пример како изгледаат резултатите од имплементирање на стратегија со користење на недискреционен систем и кои парамерти треба да ги земете предвид при одредување дали вашиот систем е прифатлив и може да се користи во живо. Стратегијата е тестирана за тргување на Биткоин. Иницијален капитал е 1.000 долари.

Резултати од имплементирање на стратегија со користење на недискреционен систем.

Извор: Tradingview

Мерењето и споредување на профитабилноста на различните потенцијални системи не е толку едноставна. Постојат неколку начини според кои можете да ја измерите профитабилноста на системите. Во прилог издвојувам неколку од нив:

  • Профитен фактор (Profit factor) е најчесто користена статистика и се добива кога вкупната добивка ќе се подели со вкупната загуба. Мора да биде над 1.0 и по можност над 2.0 или вашиот систем е со загуба.
  • Процент на добитни позиции (Percentage winning trades) е број што го користиме за да го пресметаме ризик од пропаст.
  • Годишната стапка на поврат (Annualized rate of return) се користи за споредување на резултатите од системот со пазарен репер (benchmark), најчесто берзански индекс.
  • Buy & Hold Return — Запомнете! Секогаш кога тестирате некоја стратегија за инвестирање, споредете ги нејзините резултати со резултатите од поврат на истата инвестиција доколку само го купите финансиското средство и истото го чувате во анализираниот период.

Aко најдете систем кој има извонредно високи бројки за профит, шансите се дека имате систем кој е изложен на голем ризик. Не забравајте дека ризикот и наградата одат рака под рака. Тоа што треба да запомните е дека високиот профит е добар, но секогаш мора да го избалансирате профитот против секој зголемен ризик.

Некои од главните параметри за да го измерите ризикот се следните:

  • Максималнен кумулативен пад на инветиција (maximum cumulative drawdown).
  • Максимален пад на инвестиција (maximum drawdown MDD) претставува максималната загуба од највисокоит врв на вашиот капитал.
  • Големи загуби (large losses) поради ценовни шокови и покажува како системот реагира на нив.
  • Најдолгото рамно време (the longest flat time) покажува кога парите не се користат. Ова е корисно, за да може да се ослободи капиталот за други цели.

Основната цел во создавањето на систем е да остварите профит. Иако звучи ова како директна цел, целта за остварување профит не е толку едноставна како што звучи. Затоа е потребно да го тестирате вашиот систем за да видите колку добро функционира. Исто така е важно да запомните дека ако системот во тест периодот функционира добро користејќи историски податоци, не е гаранција дека ќе ги има истите резултати во идното тргување во реално време. При дизајнирање на еден систем, потребно е да разгледате бројни статистики за неговите перформанси со цел да одредите дали истиот е погоден за идна употреба.

Автор:
Снежана Ристеска

Дипломиран економист, прва во регионот сертифициран CMT (Овластен берзански техничар) од страна на CMT Association (Асоцијација на берзански техничари), CFTe (сертифициран финансов техничар) од страна на IFTA (Меѓународна федерација за техничка анализа), член на комисијата за стручно усовршување во рамки на АЦИ Македонија како и овластен инвестиционен советник од страна на KХВ на Македонија. Личност која освен своите стекнати меѓународни сертификати поседува долги години искуство токму во областа на финансиските пазари и меѓу банкарските односи.

Нејзината цел е да придонесе за развој на регионалниот пазар преку едукација и споделување на нејзиното знаење и искуство. Сака да научи, едуцира и инспирира што поголем број на читатели за финансиските пазари и да ја тргне догмата дека инвестициите се комплицирани и тешки за разбирање.

Снежана има љубов кон техничката анализа и верува дека однесувањето и психолошките аспекти на трговијата и инвестирањето може да се управуваат со соодветно образование и систематско тргување. Често цитирана во разни водечки списанија со своите написи и увид на финансиските пазари.

--

--

Fintech MK

First Fintech Community in North Macedonia which aims at developing and enabling the Fintech Ecosystem regionally.