Добрите и лошите страни на Дигиталните валути издадени од Централни банки

Fintech MK
5 min readSep 29, 2021
Fintech Thursdays — Andrej Kocevski

Централните банки ширум светот започнаа да издаваат декретни односно фиат дигитални валути. На пример, Кина започна големи истражувања на „е-јуанот“, Европската централна банка сака да лансира Дигитално евро до 2025 година, Федералните резерви на САД истражуваат пак свои тестови за тоа дали ќе го следат примерот на ЕЦБ. Од друга страна пак, Бахамите веќе ја пуштија во оптег својата верзија наречена Песочен долар односно Sand Dollar. Овој ненадеен потег предизвикува возбуда, но и конфузија. Дигиталните валути издадени од централни банки (акроним ДВЦБ) звучат како нова монетарна иновација, но кои се всушност овие нови валути и зошто ги создаваат централните банки?

Тие се едноставно дигитална верзија на кешот — готови пари издадени од централните банки, но во дигитален формат. Во повеќето земји нивниот дизајн веројатно ќе наликува на постоечките платформи за интернет плаќања кои се базираат на традиционална серверска инфраструктура. Но, ќе има една клучна разлика: парите што се достапни на апликацијата/веб страната за ДВЦБ ќе бидат еквивалентни на директни депозити во централната банка од страна на граѓаните, што е сосема различно од моменталниот начин на банкарство каде што парите се чуваат во комерцијални банки. Во некои земји, како на пример во Бахамите, Украина, и Шведска, декретните дигитални валути ќе бидат дизајнирани со Decentralized Ledger Technology (DLT), слично како архитектурата на криптовалутите како Биткоин, но со таа разлика што кодовите во мрежата ќе мора да се одобрени од централната банка.

Главната мотивација на централните банки е да ги ограничат ризиците кои се својствени на глобалната промена кон безготовински плаќања, како на пример со кредитна картичка или онлајн. Тие се одговорни за безбедноста на монетарниот систем и за воспоставување на ефикасна монетарна политика, чиј најосновен елемент е гаранција дека луѓето можат да користат кеш за да купуваат работи без ризик од големи стапки на инфлација. Но, во свет каде што доминираат Apple Pay или Google Pay, секојдневните трансакции ќе зависат од приватни компании, а не од централните банки.

Криптовалутите како Биткоин или stablecoins како Tether или Diem/Libra (создадена од Фејсбук) кои што ја врзуваат нивната вредност со доларот или други валути и вредности, се исто така закана, потенцијално отфрлајќи ги државните власти и монетарни институции во иднина.

Со ДВЦБ, централните банки ќе имаат посилно присуство кај интернет плаќањата. Тоа би ја намалило опасноста од дестабилизација на финансиските и монетарни системи која што се јавува при потпирање на приватни платежни системи. На некои луѓе можеби им се допаѓа опцијата да чуваат барем дел од дигиталната готовина на доверлива официјална платформа. Трансакциите без готовина прават побрзи, посигурни плаќања и се помалку подложни на фалсификување. Издавањето дигитална готовина е поевтино од ковањето монети и принтањето банкноти. Владините институции, исто така, полесно би можеле да ги следат начините на користење на дигиталните пари, што би го отежнило финансирањето на криминални активности. Во посиромашните земји, централните банки се надеваат дека дигиталните валути ќе ја зголемат финансиската инклузија односно ќе се овозможи користење на банкарски услуги од страна на поголем број граѓани, притоа поттикнувајќи го економскиот развој и зголемувајќи го животниот стандард.

Централните банки исто така можат да добијат нови овластувања за имплементација на монетарните политики. Пречка за негативните каматни стапки во моментов е тоа што граѓаните и компаниите можат да ги префрлат нивните кеш резерви надвор од банкарските сметки, и физички да ги чуваат во сефови или други безбедни локации, со тoa што се обезбедува де факто каматна стапка од нула. Во свет без готовина, технички, централните банки би можеле да ги програмираат дигиталните валути да има негативни каматни стапки, со кое што би можеле да се направат поефикасни монетарни политики. Тие, исто така, би можеле да користат и дигитални паричници за да прават кеш интервенции во времиња на природна катастрофа, како на пример, брзо испраќање на пари кон жители во региони погодени од земјотрес или пак масовни пожари.

Аргументите за против ДВЦБ се состојат позади две фундаментални резонирања: дизинтермедијација на комерцијалните банки, и злоупотреба од страна на властите. Во времиња на економски кризи обично граѓаните ги вадат своите кеш депозити од комерцијалните банки, па затоа се случуваат банкарски кризи каде што истите банки немаат доволно кеш резерви за да ги вратат на нивните клиенти, како што се случи во 2008 година со многу банки и други финансиски институции во Америка. Централните банки, технички, никогаш не би можеле да страдаат од банкарска криза бидејќи секогаш можат да издаваат нови пари, па со тоа проблемот се насочува кон хиперинфлација наместо кон банкарска криза. Аргументот на дизинтермедијација е дека со појавата на ДВЦБ, во економски кризи граѓаните би ги префрлиле своите кеш резерви од комерцијалните банки во ДВЦБ, со што се појавува голем ризик за појава на банкарска криза.

Исто така, дигиталните валути овозможуваат повеќе начини за надзор, цензура и злоупотреба на моќ од страна на владините службеници, политичките партии и диктаторите. Како на пример, во 1990-та година во Бразил, претсетаделот Фернандо Колор објави легислатива каде што сите депозити над 1500 долари би биле конфискувани од владата за период од 18 месеци, и тек потоа вратени назад на граѓаните, со цел да се разбие моменталната инфлација и економската криза. Се разбира дека ова е неетичка, нелегална и недемократска легислатива, и истата би можела многу полесно да се изведе со ДВЦБ. Се јавува и можноста за надзор и цензура, каде што било кои дисиденти и владини опозиции би можеле полесно да бидат таргетирани, нивните приватни плаќања детално да се следат, и со тоа нелегално да се конфискуваат нивните богатства. За среќа, западниот свет нема голем ризик моментално од ваква злоупотреба, но во држави како Кина, Зимбабве и други диктаторства вакви неетички методи би се примениле многу брзо и без никаков процес на гласање и репрезентативност.

Дигиталните валути би можеле да се издадат на демократски, етички и приципиелен начин, запазувајќи ги инвидиуалните слободи, и големо внимание би се инвестирало во сочувување на индивидуалната приватност и безбедност. Таквите системски дизајни за дигитални валути би се насочиле кон архитектури што наликуваат на готовите пари. Дизајните би требало да се направат со механизми каде што би се спречиле злоупотребите од властите, но сепак би се користеле механизми и за спречување на илегални активности. Затоа, ние ја основавме компанијата WhisperCash.com која гордо стои позади овие цивилни вредности со тоа што ја направи првата ДВЦБ што работи комплетно офлајн, исто како кешот.

Автор:

Андреј Коцевски

Ко-основач на WhisperCash.com, првата декретна дигитална валута што работи сосема офлајн и peer-to-peer. Исто така, тој е алумнист на University College London.

--

--

Fintech MK

First Fintech Community in North Macedonia which aims at developing and enabling the Fintech Ecosystem regionally.